
Вардар пред голем европски предизвик – да се одигра машки против Лозана!
По успешно завршената мисија во првото квалификациско коло кога беше помината Ла Фиорита од Сан Марино со вкупни 5-2, Вардар сега пред себе ќе има вистински тест, најголемиот откога новото раководство го презема клубот.
Лозана иако првпат по 15 години игра во Европа, станува збор за еден од најдобрите швајцарски тимови во овој момент. Минатата сезона завршија на петтото место во нивниот шампионат. Имаат сериозен буџет и големи амбиции.
Швајцарците се големи фаворити во двомечот со Вардар, но фудбалот многупати покажал дека е игра во која се случуваат изненадувања, па надежта кај македонскиот тим е на високо ниво.
Гоце Седлоски на синоќешната прес-конференција вети дека неговите момци ќе го дадат максимумот на теренот и ќе се обидат да остварат резултат кој ќе го остави Вардар во игра за реваншот во Швајцарија.
Вечерва се очекува и значително подобра фудбалска атмосфера отколку на мечот со Ла Фиорита. Комитите ќе имаат свое шоу на западната трибина, а на истокот ќе бидат сместени околу стотина навивачи на Лозана.
Седлоски за овој натпревар нема да може да смета на Секоски, Талески и Најдоски, а под знак прашалник е и капитенот Закариќ кој се повреди на мечот во Сан Марино.
Проблеми со повреди има и Лозана, нема да игра нивниот најдобар фудбалер, 22-годишниот Алвин Санчез кој на пазарот вреди 14 милиони евра. А нема да сметаат и на новото засилување, Енцо Кана-Бијик, напаѓач кој дојде на позајмица од Манчестер јунајтед.
Натпреварот ќе го суди Доминик Стари од Чешка.