УЕФА се премисли: Завршниот турнир од ЛШ ќе се игра во Германија?

Лигата на шампиони (ЛШ) ќе продолжи во август, но завршницата на елитното натпреварување ќе биде во скратен формат. На 7 и 8 август ќе се доиграат реваншите од осминафиналните дуели Јувентус-Лион, Манчестер сити-Реал Мадрид, Барселона-Наполи и Баерн Минхен-Челси, по што на 13 и 14 август се играат четвртфинални дуели, но ќе има само по еден меч на неутрален терен.

Што се однесува до завршницата на турнирот, односно полуфиналето и финалето, ќе се играат слично на ракометната ЛШ или кошаркарската Евролига, односно во формат на Ф4, со четири екипи кои во ист град ќе се борат за трофејот.

Тоа треба да се случи на крајот на август, а иако планот беше да се игра финалето во Истанбул, сепак сега УЕФА, наводно, се премислила.

УЕФА планира да го премести завршниот турнир во Германија затоа што Бундеслигата беше прва која почна со натпреварите и во тој период ќе има повеќе слободни стадиони, а во исто време се покажа одлично и во борбата со Ковид-19.

Сепак, оваа информација не е потврдена од УЕФА и такво нешто треба да се случи на следната седница на Извршниот одбор.