УЕФА ќе прави реформи на квалификациите за ЕП и СП - ќе се игра во стилот на новата ЛШ!?

Европската фудбалска федерација (УЕФА) планира темелна промена во начинот на кој ќе се играат квалификациите за најголемите турнири - Светското првенство (СП) и Европското првенство (ЕП). Според информациите на францускиот „Л’Екип“, целта е да се стави крај на предвидливи квалификациски циклуси со воведување на нов, подинамичен формат инспириран од Лигата на шампионите (ЛШ).

Главната идеја е квалификациите да станат поатрактивни за навивачите и телевизиите, откако интересот во последните години значително опадна. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, на Самитот на фудбалот во Лисабон потврди дека се водат активни разговори за модернизација на процесот и за враќање на престижот на меѓународните квалификации.

Во моментов се разгледуваат две можни решенија. Првата опција е интеграција на Лигата на нации во квалификацискиот систем, додека втората предвидува создавање на ново лигашко натпреварување - едно големо првенство или две групи со по 27 репрезентации. Овој модел би овозможил редовни дуели меѓу водечките европски селекции, а во исто време би им оставил реални шанси и на помалите земји да се пласираат на големите турнири.

Доколку реформата биде усвоена, таа нема да стапи во сила пред 2028 година, кога завршуваат тековните договори. Сепак, промената би можела да претставува историски пресврт во европскиот репрезентативен фудбал и да го дефинира начинот на кој ќе се одредуваат учесниците на најпрестижните натпреварувања во иднина.

Фото: UEFA/X