
УЕФА ќе ги менува реформите во ЛШ како одмазда за Суперлигата кон одметниците?
Угледниот англиски весник „Гардијан“ повикувајќи се на информации во Нион, најави опција дека можно е да се укинат привилегиите за богатите, па две од четирите дополнителни места кои беа предвидени за гигантите според рејтингот, ако не обезбедат пласман преку домашното првенство, сега да ги укинат.
Ова спорно доделување на места наиде на отпор кај поголемиот дел од јавноста зашто не се запазува спортскиот успех, туку се наградуваат големите, а беше дел од завршните преговори на УЕФА и Европската клупска асоцијација (ЕКА) која ја водеше Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус, пред тој во саботата вечерта да избега со суперлигашите.
Според најавите на англискиот весник, можно е овие две места да бидат доделени на шампиони од земјите кои немаат директен учесник, а се при врвот на ранг-листата на УЕФА. Приспапната листа допрва треба да биде објавена, а според најавите до крајот на годинава би била позната, зашто УЕФА и на промоцијата остави простор за можни ситни промени, како и во делот на изгледот на завршницата (дали ќе биде фајнлфор), но и за дистрибуцијата на парите како бонуси за учество.
Според тоа што УЕФА го објави, а сега можеби ќе се модификува, во ЛШ од 2014 година треба да играат 36 екипи наместо 32, квалификацискиот систем останува ист со два сегменти „шампионски дел“ и нешампионски дел, а од четирите дополнителни места, едно плус за директен пласман петтата земја на листата (во моментов Франција), што значи третопласираниот ќе оди директно во елитата, едно место е предвидено плус во „шампионските квалификации“, што значи наместо досегашните четири да има пет прваци од „малите земји“, а две да добијат екипи кои ќе изборат Лига Европа или Конференциска лига, а што ќе имаат најдобар рејтинг на клупската листа од последните пет години.
Новата ЛШ за три години треба да се игра во поинаков формат со една група во која секој тим ќе игра 10 меча во првата фаза, па ќе ги нема сега веќе традиционалните групи, а првите осум со најдобар пласман ќе одат директно во осминафинале, додека од 9-то до 24 место, тимовите преку плејоф ќе дадат други осум осминафиналисти, по што ќе продолжат елиминациските мечеви на патот кон трофејот.