
УЕФА го реформира и Суперкупот - ќе воведува фајнлфор на евро-победниците?!
Детали за како би изгледал фајнлфорот со четири тима засега нема, освен планови битката за првиот трофеј во новата сезона да не биде само помеѓу освојувачите на ЛШ и Лига Европа, туку за пехарот да игра и победникот на новата Конференциска лига и уште еден клуб.
Наводно, првата опција е да играат бранителот на трофејот и победниците на ЛШ, Лига Европа и Конференциската лига, а втората опција е покрај трите освојувачи место да има и за финалистот во ЛШ.
Овој фајнлфор практично треба да биде замена за фајнлфорот што УЕФА сакаше да го направи за Лигата на шампионите, ама се откажа од идејата после истражувањето дека преголеми се загубите со такво нешто, најмногу за клубовите зашто ќе им се укине шансата за добра заработка од домашниот меч во полуфиналето од продадените билети, но и од реакцијата на броадкастерите кои плаќаат џиновски суми за ТВ-правата, а така би биле скратени за едно полуфинале.
Суперкупот во овој облик како што се игра досега, а во Скопје се играше изданието за 2017 година помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, како натпреварување постои од 1973 година, прво како пресметка на европскиот првак со освојувачот на Купот на националните куп-победници (КПК) и првично се играше во двомечи (дома и гости) сѐ до 1997 година, а од 1998 почна да се игра во Монте Карло како најава пред стартот на секоја европска сезона.
УЕФА од 2013 година реши Суперкупот да се организира во различни земји и да не биде експлузивно право за Монте Карло, па во 2017 Скопје беше домаќин.