УЕФА ги изрече казните за прекинатиот дуел меѓу Романија и Косово

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги изрече санкциите по прекинот на мечот меѓу Романија и Косово во Лигата на нации.

Романија доби службена победа од 3-0 и ги освои бодовите, откако репрезентативците на Косово во финишот решија да заминат во соблекувалната.

Косово се пожали дека добиле навредливи пораки од трибините, кои извикувале „Србија, Србија“ и „Косово е Србија“.

Гостинскиот состав, освен загубениот меч, ќе мора да плати и казна од 6.000 евра, додека Романија ќе мора да плати дури 30.000 евра поради политички пораки од трибините.

Тука не е крајот на казните, затоа што УЕФА имаше уште неколку санкции за домаќинот, како што се 9.000 евра за фрлање предмети на теренот, 4.500 евра за употреба на пиротехника, 8.000 евра за користење ласери и 12.500 евра поради навреди за време на химната на Косово.