Спектакл во Манчестер: Роналдо се враќа на „Олд Трафорд“!

Денеска почнуваат дуелите од третото коло во групната фаза на Лигата на шампиони, а најголем интерес привлекува големото дерби помеѓу Манчестер јунајтед и Јувентус на „Олд Трафорд“, додека во центар на внимание ќе биде и настапот на Кристијано Роналдо против поранешниот клуб.

Манчестер јунајтед дефинитивно разочара со резултатите во досегашниот дел од сезоната, па влегуваат во дуелот против актуелниот италијански шампион како мал аутсајдер, но во секој случај нè очекува спектакл на „Олд Трафорд“.

Роналдо беше пречекан уште вчера на аеродромот од навивачите на Јунајтед, кои ја поздравија својата најголема ѕвезда, а сигурно и вечерва подготвуваат некакво изненадување за Португалецот.

Интересен податок кој вреди да се спомене пред вечерашниот дуел е тоа дека Роналдо и Жозе Мурињо досега имале 14 меѓусебни дуели, а Португалецот само еднаш постигнал гол.

Во моментов Јунајтед се наоѓа на второто место во групата, додека лидер е Јувентус, а ќе видиме дали ситуацијата ќе се смени и по вечерашниот дуел, кој почнува од 21 часот.

Уште неколку натпревари денеска се во центарот на внимание, а еден од нив е помеѓу Реал Мадрид и Викторија Плзен, кој вообичаено не би бил, но доколку „кралевите“ не ги победат своите ривали, тогаш тоа би можел да биде последен дуел за тренерот Хулен Лопетеги.

Инаку од 18.55 часот Баерн Минхен гостува во АЕК, па Баварците би требало да имаат релативно лесна работа, иако се соочуваат со резултатска криза во последно време, а во останатиот дуел во истиот термин ќе играат и Јанг бојс и Валенсија.

Вечерва на програмат од 21 часот се уште и дуелите помеѓу Ајакс - Бенфика, Рома – ЦСКА Москва, Хофенхајм – Лион и Шахтер – Манчестер сити.