Сити долго ќе го сонува Мбапе, ПСЖ со 10-0 го мина Брест! (ВИДЕО)

Реал Мадрид на крилјата на Килијан Мбапе го „нокаутира“ Манчестер сити со 3-1 (вкупно 6-3 со првиот меч), додека ПСЖ го декласира Брест со убедливи 7-0, односно вкупни 10-0 во борбата за пласман во осминафинале во Лигата на шампиони (ЛШ).

Францускиот напаѓач ја почна гол-серијата во четвртата минута, а потоа стрелаше и во 33. минута за предност од 2-0 на „кралевите“, додека очајните гости од Манчестер не успеаја да испратат ниту еден удар во рамки на голот на шпанскиот гигант.

Агонијата на „граѓаните“ ја продолжи Мбапе во 61. минута кога го комплетира хет-трикот, кој воедно му е прв на „Сантјаго Бернабеу“, додека до крајот на мечот Нико го постигна почесниот погодок за премиерлигашот во втората минута од судиското надополнување.

Парижаните практично ја имаа завршено работата уште во првиот меѓусебен дуел со Брест, кој им припадна со 3-0, па во реваншот му се „истурија“ на ривалот и ја наполнија мрежата.

ПСЖ му даде дури седум погодоци. Два од нив беа дело на Баркола и Кварацхелија во првото полувреме, по што во вториот дел стрелаа уште и Витиња, Дуе, Мендеш, Рамош и Мајулу во самата завршница.