Швајцарија ја торпедира Белорусија, Турција со пресврт победа во пеколот во Ереван (ВИДЕО)

Швајцарија ја разнесе Белорусија и победи со 5-0 во Нови Сад на стартот на евроквалификациите, а многу важна победа со пресврт запиша Турција на пеколното гостување во Ереван против Ерменија со 2-1.

Не помина ни пола час од мечот во Нови Сад каде Белорусите се домаќини, а Швајцарија веќе ја имаше победата во рака, зашто набрзина во првата третина од мечот дадоа три гола, а до крајот прашање беше само со кој резултат ќе триумфираат.

Напаѓачот на Лугано, Ренато Штефен даде хет-трик, отворајќи ја серијата по четири минути, па го дуплираше водството во 17-та, а веќе во 29-та додаде и трет гол. Во вториот дел, Гранит Џака во 62-та и Зеки Амдуни во 65-та само ставија печат на „петката“ за Швајцарците.

Иако после само десет минути во Ереван, Озан Кабак си даде автогол за да ја зоврие атмосферата меѓу Ерменците, Турција успеа сепак да победи, па Оркан Кокчу во 35-та израмни, а Керем Актуркоглу во 64-та донесе комплетен пресврт на мечот и воведен триумф во групата за Турција.

Израел и Косово ремизираа 1-1 во групата во која се Швајцарија и Белорусија, а попладнево Шкотска го прегази Кипар со 3-0.