
Шкендија трет пат игра против клуб од Азербејџан, досегашните искуства се – фантастични
Во Скопје ќе го пречека Карабах од Азербејџан и тоа ќе биде трета пресметка на Шкендија против клубови од оваа поранешна советска држава. Првиот пат беше против Нефчи, во сезоната 2016/17 кога во Баку беше 0-0, а во Скопје, тетовци славеа со 1-0. Вторпат со Азербејџанџи, Шкендија се сретна во „корона-сезоната“ (20/21) кога поради добро познатите услови, немаше двомеч во квалификациите, туку со ждрепка беше одредено кој ќе биде домаќин на само еден натпревар. Нашиот претставник тогаш му гостуваше на Сумгајит и го победи со 2-0.
Интересно е тоа што против двата противника од Азербејџан, стрелец беше Бесарт Ибраими кој и сега е во тимот на Шкендија и се надева на првиот гол во квалификациите за Лигата на шампионите откако против ТНС имаше една асистенција. На трите досегашни натпревари против клубови од Азербејџан, Шкендија не прими ниеден гол.
Шкендија досега нема пораз во квалификациите за ЛШ, на четири натпревари оствари три победи и еднаш одигра нерешено. Со тоа веќе обезбеди пласман најмалку во лигашката фаза од Конференциската лига, но со евентуален триумф против Карабах ќе го продолжи својот сон за Лигата на шампионите.