Сензација во Сплит: Надежите на Хајдук го урнаа Сити за четвртфинале во ЛШ!

Младинскиот тим на англискиот првак Манчестер сити дојде како голем фаворит во Сплит на осминафиналната пресметка со врсниците од Хајдук, ама на „Пољуд“ се случи сензација, па меѓу најдобрите осум се најдоа надежите на хрватскиот гигант.

Хајдук до 19 години победи со 2-1 и сите голови паднаа во првиот дел, а сплиќани набрзина погодија двапати преку Роко Брајковиќ во 24-та и Мате Антуновиќ во 34-та, а Сити се врати во мечот во последната минута од првиот дел преку Боб, но „тика-таката“ на англискиот премиерлигаш не помина до крајот за да дојдат до егал и да се изборат за четвртфинале во Лигата на шампионите.

„Ова е Хајдук“ извикуваа навивачите на сплитските „били“, откако сениорскиот тим се посрамоти викендов во Загреб во битката за титулата, јасно покажувајќи ѝ на управата дека во младинскиот погон има поголеми таленти и подобри фудбалери од тие што се во првиот состав.

Хајдук денеска ќе дознае кој ќе му биде противник за полуфинале – победникот од дуелот на надежите на Борусија Дортмунд и Пари Сен Жермен.