Салах ги разбесни навивачите на Ливерпул: Дечкото е премногу себичен (ВИДЕО)

Навивачите на Ливерпул остро го критикуваа Мохамед Салах по синоќешниот натпревар од Лигата на шампионите против Ајнтрахт Франкфурт, иако нивниот тим славеше убедливо со 5-1.

Египетскиот напаѓач беше наречен „себичен“ поради одлуката во завршницата сам да шутира кон голот, наместо да му додаде на Флоријан Вирц, кој имаше можност да го постигне својот прв погодок во дресот на клубот, пишува Дејли мејл. Екипата на тренерот Арне Слот покажа карактер по раното водство на Германците. Со три гола за само девет минути во првото полувреме – преку Хуго Екитике, Вирџил ван Дајк и Ибрахима Конате – „црвените“ го презедоа водството, а во второто полувреме Коди Гакпо и Доминик Собослај ја потврдија убедливата победа. Со ова, Ливерпул стави крај на серијата од четири последователни порази и се врати на победничките патеки по неуспехот против Манчестер Јунајтед во Премиерлигата.

Салах мечот го започна од клупата, а влезе во игра во 74. минута на местото на Екитике. Тој при резултат 5-1 се најде во одлична позиција за погодок, но наместо да му ја додаде топката на Вирц, кој беше подобро поставен, сам се одлучи на удар. Вирц – летното засилување од Баер Леверкузен вредно 135 милиони евра – видливо се разочара што остана без шанса да се впише во листата на стрелците.

Незадоволството на навивачите експлодираше на социјалните мрежи. „Тоа ќе беше првиот гол на Вирц, но Салах е премногу себичен“, напиша еден фан. Друг додаде: „Мора да престане со овие себични потези. Можеше да има две асистенции вечерва.“ Трети коментираа дека се „уморни од неговото егоистично однесување“, додека дел од навивачите дури побараа Слот да го остави на клупата во следниот меч против Брентфорд.

И покрај минатогодишната блескава сезона во која постигна 34 гола и 23 асистенции во 52 настапи, 33-годишниот Салах сезонава е во очигледен пад на форма. На 12 одиграни натпревари има само три погодоци и три асистенции.