Роналдо во Манчестер: Ние сме Јувентус, можеме да победиме

Кристијано Роналдо очекувано е во центарот на вниманието, бидејќи утре со екипата на Јувентус ќе му се спротивстави на својот поранешен тим Манчестер јунајтед во рамки на Лигата на шампиони.

Португалецот се појави и на официјалната прес-конференција пред натпреварот заедно со својот тренер Масимилијано Алегри. Тој очекува тежок натпревар, но верува дека Јувентус може да слави на „Олд Трафорд“.

„Играме против добар тим, кој игра на домашен терен. Ќе ни биде тешко, но ги знаеме нашите оружја. Ние сме Јувентус. Ако играме добро на начинот на кој тренерот бара од нас, знам дека имаме добра шанса да го добиеме овој натпревар“, истакна Роналдо.

Поранешниот миленик на навивачите на „Театарот на соништата“ се потсети и на деновите кога ја носеше „седумката“ на Манчестер јунајтед.

„Тука освоив многу трофеи, купови, првенства, Лига на шампиони. Сигурно дека се сеќавам и на подршката од трибините. Навивањето е фантастично. Сер Алекс Фергусон е некој што никогаш нема да го заборавам и би сакал да ја искористам приликата да му посакам се најдобро“, рече Португалецот.