Реал се провлече, Јувентус со 10 играчи избори продолженија (ВИДЕО)

Иако најчесто беше во подредена улога, Реал Мадрид успеа да обезбеди пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите откако вечерва ја победи Бенфика со 2-1 на домашен терен.

Гостите го отворија резултатот во 14. минута преку Рафа Силва кој ја круниса одличната акција по десната страна. Реал имаше среќа бидејќи само две минути подоцна Чуамени го возврати ударот и израмни, за мир и во неговиот тим и на трибините.

Во второто полувреме Бенфика имаше неколку извонредни шанси, Силва можеше пак да се запише во листата на стрелците, но ја погоди пречката, потоа Куртоа спаси, а кога веќе португалскиот тим не ги искористи своите шанси, на сцена стапи Винисиус Жуниор. Во 80. минута Бразилецот погоди на асистенција на Валверде и ја потврди својата одлична форма, а и победата на Реал на овој натпревар.

На прагот на херојски пресврт е тимот на Јувентус кој по поразот од на гостувањето кај Галатасарај минатата недела со 2-5, денеска на домашен терен води со 3-0 по 90 минути игра. Со овој резултат се избори за продолженија и покрај тоа што цело второ полувреме играше со фудбалер помалку поради црвениот картон на Кели.

Два од трите гола, Јуве постигна по тоа исклучување. Локатели во 37. минута го отвори резултатот од пенал, во 70. минута зголеми Гати, а конечните 3-0 ги постаави Мекени во 82. минута.

РЕЗУЛТАТИ
Аталанта - Борусија Дортмунд 4-1 (вкупно 4-3)
Јувентус - Галатасарај 3-0 (5-5, продолженија)
ПСЖ - Монако 2-2 (5-4)
Реал - Бенфика 2-1 (3-1)