Поразот од Реал Сосиедад е најтежок во историјата на Вардар!

Македонскиот шампион Вардар го загуби и третиот меч во дебитантската сезона во Лига Европа, а убедливиот пораз од Реал Сосиедад е најтежок во 70-годишната историја на најголемата фудбалска гордост во земјава. Вардар синоќа загуби со 0-6 од баскискиот тим и тоа запиша еден лош рекорд – најтежок пораз во својата историја.

Досега Вардар во историјата добивал „петарди“ и тоа неколкупати и тие порази од 0-5 биле најтешки за црвено-црните. Вчера Реал Сосиедад стана прв што успеал да им даде шест гола на скопјани, иако според шансите можеше да постигнат уште некој за уште поголема бламажа. Алберто Де Ла Бела беше стрелец во 90-та минута, откако претходно Филип Гачевски двпати бравурозно одбрани и не успеа да спречи пишување на ваков црн рекорд.

Пред еден месец на дебито на Вардар, Зенит на „Филип Втори“ победи со 5-0 и со тоа стигна на делба на првото место на тимови кои успеале нашиот најторфеен клуб да го победат со „петарда“. Претходно Вардар губел со 0-5 од Легија Варшава (1999 година, Куп на УЕФА), од Шалке (2004, Интертото куп), Данфермлајн (1961, КПК), а има и порази со четири разлика од Рома (2003, Куп на УЕФА), Легија (1999, Куп на УЕФА) – двете со 0-4 и од Роселаре (2007, Куп на УЕФА) со 1-5.

Овој пораз на Вардар е трет најголем во историјата на македонскиот клупски фудбал на европска сцена. Покрај црвено-црните, порази со 0-6 доживеаа и Работнички во 2011 година од Лацио, Шкендија во август годинава од Милан, како и Башкими од Макаби Петах Тиква во 2006 година. Убедливо највисок пораз е тој на Македонија Ѓорче Петров во 1998 година од француска Бастија во второто коло во Купот Интертото со 0-7.

Инаку кога сме кај примени голови, кумановски Милано има примено најмногу – дури осум. Славен Белупо победи со 8-2 и овој пораз е втор најубедлив во историјата на македонскиот фудбал. Струмичка Беласица, пак, има примено седум гола, исто како и Македонија ЃП, но со „поприфатлив“ пораз од словенечки Публикум (2-7).