Надал одигра фантастично пред шпански крал и во два сета му се реваншира на Де Минаур!

Шпанскиот тенисер, Рафаел Надал, се пласираше во 3. коло на мастерсот во Мадрид, откако денеска славеше во пресметката со Австралиецот Алекс де Минор со 7-6, 6-3.

Двајцата одиграа фантастичен меч пред шпанскиот крал Фелипе, а ветеранот на моменти дури потсети и на своите најдобри денови. Тој брзо стигна до брејк (2-0), но расправијата со судијата по една неправда скапо го чинеше и неговата игра извесен период не беше на потребното ниво. Противниците уште по еднаш си ги зедоа сервисите, па во тајбрејкот дојдо до израз поголемото искуство на Надал. Вториот сет беше сосема поинаква приказна, Шпанскиот тенисер го одзеде сервисот на Де Минор уште на стартот и ја задржа предноста на брејк до крајот на мечот.

Рафа со овој триумф му се „одмазди“ на Австралиецот, кој го елиминираше на турнирот во Барселона минатата недела. Надал во следната рунда ќе игра со Аргентинецот Педро Чачин, кој го совлада Американецот Френсис Тиафо.