Поништување на сезоната нема да се случи, а сезоната ќе се доигра – без публика!

Развојот на ситуацијата со коронавирусот во Европа не дава надеж дека првичниот план на УЕФА за рестартирање на сезоната на почетокот на мај ќе се оствари и многу поизвесно едека „бубамарата“ ќе продолжи да се тркала од почетокот на јуни, со што практично би ја довело европската централа во уште поголем проблем како да изнајде термини за завршеток на актуелната сезона, но и почетокот на новата.

Главниот оперативец на белградска Црвена Звезда, Звездан Терзиќ откри какви планови прави УЕФА и тоа поради честиот контакт со Зоран Лаковиќ, членот на работната група на УЕФА, која треба да го оформи календарот за натпреварување по кризата што ја предизвика коронавирусот. Од тоа што го кажува Терзиќ, практично УЕФА ќе дозволи до кога и да треба првенствата да завршат, зашто станува збор за огромни пари што може да се загубат и затоа нема шанса да биде поништена актуелната сезона.

„Секоја вечер разговарам со Лаковиќ за ситуацијата за изнаоѓањето на решение за многу проблеми кои оваа ситуација ги наметна. Има многу сценарија, ама сè зависи од расплетот на ситуацијата. Тоа што е јасно е дека големите лиги инсиситираат на завршување на сезоната, зашто големи пари може да се загубат од ТВ-правата. Некои претпоставки се дека со сезоната може да се почне од средина на мај или најреално од почеток на јуни и тоа – без гледачи! Ама никој со сигурност не може да тврди дека тоа е така. Сезоната сигурно нема да се поништи, па тоа не е ни опција што се разгледува. УЕФА прави сè за првенствата да завршат. Опцијата да се прогласат шампионите според актуелната состојба засега е во втор план, а сите се надеваат, како и јас дека до тоа нема да дојде и дека првенствата ќе завршат нормално. Секако тоа би било без гледачи. Затоа е важномногу важно фудбалерите да си ги следат индивидуалните програми и што поподготвени да го дочекаат продолжението на првенството“, вели Терзиќ.