Полјаците ја исмејуваат соблекувалната каде што гостуваше и Шкендија (ВИДЕО)

Полскиот Лех Познањ објави видео пред напреварот од Конференциската лига против Рајо Ваљекано во кое ја исмејуваат соблекувалната на шпанскиот тим.

Во видеото кое е полно со иронија на социјалните мрежи човекот од полскиот состав ги открива необичните детали кои ги дочекале во Шпанија.

„Ова е соблекувалната што ја чува овој господин чија слика е на клучот“, вели новинарот на Лех покажувајќи непознат маж со мустаќи.

Во продолжение тие посочуваат дека во просторијата за физиотерапевти нема светло, а пронашле и искршени закачалки во шкафот. Исто така ги објавија и пешкирите во различни бои и димензии кои ги добиле од домаќините.

Ќе потсетиме, токму тука гостуваше и Шкендија која во првото коло од Конференциската лига играше против Рајо, но тогаш од тетовскиот клуб немаше реакција.