Почнува новото издание на Лигата на шампионите - без ниеден македонски претставник

Најквалитетното европско клупско натпреварување повторно е во центарот на вниманието. Вечерва започнува лигашката фаза од Лигата на шампиони за сезоната 2026/27, а 36 екипи ќе тргнат во битка за највредниот трофеј во европскиот фудбал.

Како и претходните две сезони, секој тим ќе одигра по осум натпревари против осум различни противници – четири на домашен и четири на гостински терен. Најдобрите осум екипи во единствената табела директно ќе обезбедат место во осминафиналето, додека тимовите од деветтото до 24. место ќе играат плеј-оф за пласман меѓу најдобрите 16.

Најголемиот предизвик сезонава ќе биде пред Пари Сен Жермен. Францускиот гигант ја освои Лигата на шампиони во сезоната 2025/26 и ја освои втората титула во историјата на клубот. Сега ПСЖ ќе се обиде да направи нов историски подвиг и да ја освои титулата третпат по ред, нешто што му успеа само на Реал во периодот од 2016 до 2018 година. „Светците“ во новата сезона ќе влезат како бранители на трофејот, но конкуренцијата повторно ќе биде огромна. Реал Мадрид, Манчестер Сити, Баерн Минхен, Барселона, Ливерпул, Интер и Арсенал се само дел од екипите кои имаат највисоки амбиции.

Првото коло носи неколку атрактивни пресметки. Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ ќе го пречека Интер, додека Манчестер Сити ќе гостува кај Порто. Во останатите натпревари од првата вечер, Клуб Бриж ќе игра со Астон Вила, АЕК ќе се соочи со ЛАСК, Лил ќе го пречека Бетис, а Борусија Дортмунд ќе игра против Виљареал. Ова е само почеток на долгиот пат до финалето. Лигашката фаза ќе го одреди распоредот на силите, а потоа најдобрите ќе влезат во нокаут-фазата, каде што грешка повеќе нема да биде дозволена. Првото коло ќе се игра во три дена, од денеска до четврток.

Сезонава во елитното натпреварување ќе има и неколку екипи кои за првпат ќе се најдат во ова друштво. Меѓу 36-те учесници се Комо, Сабах, Викинг и ЛАСК, а особено внимание предизвикува италијанскиот тим кој лани беше најпријатно изненадување во Серија А и го продолжува својот развој. За жал, оваа сезона нема да има ниеден македонски претставник во елитното натпреварување, ни меѓу клубовите, ни меѓу фудбалерите откако лани во него учествуваше Елиф Елмас, а претходно и други играчи.

Големото финале ќе се игра на 5 јуни 2027 година на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид. Шест кола од главната фаза ќе се одиграат до крајот на 2026 година, а две во јануари 2027 година по што ќе почне нокаут сегментот,