Почнаа кавгите меѓу Србите: Да го почнев мечот, ќе им дадевме два гола на Англичаните!

Српската фудбалска репрезентација синоќа загуби во пресметката со Англија (0-1) на стартот од групната фаза на ЕП 2024 во Германија, во меч во кој почнаа лошо, брзо примија гол, но потоа ја презедоа контролата и покажаа дека имаат квалитет за пласман во нокаут фазата.

Но, како класични Балканци, уште по првата пресметка по која и не беа премногу за критика, Србите почнаа со кавги помеѓу себе, а во центарот на вниманието се најде капитенот, Душан Тадиќ. Тој по средбата изјави дека е незадоволен од одлуката на селекторот дуелот да го почне од клупата за резерви, а на неговите коментари реагираше селекторот Драган Стојковиќ-Пикси.

„Разговарав со селекторот, имаме добра комуникација. Тешко ми беше да го прифатам тоа што не почнувам бидејќи тоа беше натпревар против Англија. Јас сум капитен, јас сум лидер и без лажна скромност мислам дека сум најдобриот играч во овој тим. Секако мислам дека требаше да почнам, мислам дека ќе постигневме барем барем два гола доколку играв повеќе. Но, ја почитувам одлуката на селекторите. Ако тој сака да играм 30 минути, јас ќе играм. Секако дека би сакал да одиграм 90 минути, но ја почитувам одлуката“, изјави Тадиќ, играч на Фенербахче.

Тадиќ и на пријателскиот меч против Шведска на генералната проба пред ЕП почна од клупата, а синоќа беше третиот што Стојковиќ го испрати на теренот и тоа во 61. минута. Веднаш по ваквата изјава на капитенот реагираше и Пикси.

„Ух, не е добро ако го каже тоа, воопшто не е добро. Тоа беше моја одлука од тактички причини. Го сакав Тадиќ со свежи нозе во вторите 45 минути и тоа е единственото. Се работи за тактика, ништо друго. Ова сигурно нема да предизвика хаос. Моја одлука, мое видување на ситуацијата. Нема полемика околу тоа. Јас ги носам одлуките, јас сум на тоа место.“, изјави Стојковиќ.

Србија вториот меч на ЕП ќе го одигра в четврток против Словенија (15 часот).