Тетовска Шкендија нема да го види плејофот во Конференциска лига, иако во шест меча летово не загуби ниту еднаш, ама вечерва ужасното изведување на пенали ги чинеше елиминација од АИК Стокхолм со 2-3 по рулетот од белата точка, откако и вториот меч заврши 1-1 како и пред една недела во Шведска.

Три од петте пенали Шкендија ги промаши за да загуби, од кои два беа тотални утки, не ја погодија ни рамката од голот. Откако Ларсон во првата серија промаши, возвратија Бруно Дита (утка на цел гол) и Љупчо Дориев (одбрани голманот), но Рамани кој го замени Захов за пеналите ги остави тетовци во игра бранејќи му пенал на Ринг. Ама, кога капитенот Ферхан Хасани требаше да ја остави жива пенал серијата – промаши цел гол. И со тоа се распрсна сонот за плејоф на Шкендија.

Влатко Стојановски и Клизман Цаке дадоа голови во рулетот за Шкендија, а Хусеин, Стефанели и Бјорнсторм за АИК.

Во 120 минути, Шкендија имаше плејоф во рака, Хасани од пенал донесе водство, а потоа Костадин Захов го врати АИК во мечот со катасторфална грешка за Швеѓаните да израмнат 11 минути во вториот дел. Сѐ потоа беше жестока битка, со напади и на двете страни, ама по два часа игра мечот влезе во рулетот кој решаваше сѐ, а тетовци се покажаа како очајни пеналџии.

Шкендија летово го мина ерменски Арарат (2-0, 2-2), па летонска Валмиера (2-1, 3-1), но против АИК во 210 минути не загуби, двапати 1-1, но пресудија пеналите.