Павар донесе три бода за Франција во Даблин, Бугарите растурени во Будимпешта (ВИДЕО)

Светскиот вицешампион Франција и вторпат по ред триумфира на стартот од квалификациите за ЕП 2024, откако вечерва минимално, но заслужено славеше на гостувањето кај Република Ирска (1-0).

Херој во таборот на „галските петли“ беше Бенџамин Павар, кој го постигна победничкиот погодок во 50. минута. Прва победа, пак, во истата група обезбедија фудбалерите на Холандија, кои со помалку голови од очекуваното го совладаа аутсајдерот Гибралтар (3-0), како мала рехабилитација по дебаклот од пред недела дена кај Французите (0-4).

Унгарија за едно полувреме ја декласира Бугарија (3-0), откако сите три гола паднаа во првото полувреме. Тоа беше прв триумф во првиот меч за Унгарците, а втор неуспех за нашиот источен сосед. Во групата во која се и Србија и Црна Гора.

Фудбалерите на Австрија како фаворити потешко од очекувањата, со пресврт во второто полувреме, ја совладаа Естонија (2-1) како потврда на убедливиот триумф над Азербејџан пред неколку дена. Во истата група, Шведска првпат дојде до три бода и тоа на домашен терен со петарда против Азербејџанците (5-0).

На последните две вечерашни средби, Полска минимално ја совлада Албанија (1-0), додека Молдавија и Чешка единствени одиграа нерешено и тоа без голови.