Панчев ги провоцира „коцкестите“: Ц. Звезда од 1991 би ја победила Хрватска од 2018!

Хрватска минатата година го воодушеви фудбалскиот свет, откако на Светското првенство во Русија успеа да стигне до финалето, каде што загуби од Франција со 2-4. А за тој успех на „коцкестите“ зборуваше поранешниот македонски фудбалер Дарко Панчев.

Панчев за српските медиуми направи споредба за успехот на Хрватска и освојувањето на Купот на шампиони од страна на Црвена Звезда во 1991 година, па смета дека српскиот тим во кој беше и тој член, би можeл да ја совлада репрезентацијата на Хрватите.

„Пласманот на Хрватска во финалето на Мундијалот, заедно со пласманот на Унгарија и освојувањето на Европското првенство од страна на Грција, како и двете финалиња на југословенската репрезентација на Европското првенство се најголеми репрезентативни успеси во регионот, а сигурно титулата на Ц. Звезда е поголем успех од хрватското финале, зашто сепак е освоен трофеј. Мое лично мислење е дека таа екипа на Звезда на било кој терен без проблеми ќе ја победи Хрватска, која играше во финалето на Мундијалот во Русија. Исто така, тешко дека некој клуб од овие простори ќе го повтори тој успех“, порача Панчев.