Нова рунда возбудувања во ЛШ: Реал му гостува на Сити, Баерн го пречекува Арсенал!

Денеска ќе биде позната и втората полуфинална двојка во Лигата на шампионите, вечерва Баерн Минхен го пречекува Арсенал, а Манчестер Сити е домаќин на Реал Мадрид.

ПСЖ и Борусија Дортмунд е едното полуфинале во Лигата на шампионите, а кое ќе биде второто ќе дознаеме вечер по двата последните четвртфинални дуели.

Актуелниот шампион, Манчестер Сити го пречекува Реал Мадрид. Првата пресметка меѓу овие два тима беше епска, заврши 3-3, па повеќе шанси му се даваат на англискиот тим.

За разлика од првиот меч, Анчелоти нема да може да смета на Чуамени поради жолти картони, на негово место треба да игра Милитао кој неодамна се врати од повреда.

Реал Мадрид се надева дека овојпат ќе победи на Етихад и ќе се одмазди за минатогодишната елиминација од Манчестер Сити, но тимот на Пеп како што одминува сезоната изгледа сѐ помоќно.

Во Минхен Баерн го пречекува Арсенал. И на овој меч во првата пресметка немаше победник, заврши нерешено 2-2.

Лигата на шампионите остана единственото натпреварување за Баерн Минхен каде може да ја поправи лошата сезона. Арсенал не ја искористи во целост предноста на домашен терен, па сега ќе мора да брка поволен резултат на Алијанц Арената.