Ни Реал не ги запре „црвените“: Ливерпул го прегази и европскиот шампион (ВИДЕО)

Екипата на Ливерпул продолжи со максималниот ефект во Лигата на шампионите откако вечерва на домашен терен го совлада актуелниот европски првак Реал Мадрид со 2-0.

За „кралевите“ тоа е втор пораз во низа откако во претходното коло загубија од Милан на домашен терен и сега се наоѓаат на 24. место на табелата, последно кое води во плејофот. Без неколку важни играчи, меѓу кои и Винисиус, Реал беше тотално надигран и заслужено загуби од еден од најдобрите европски клубови во моментов.

Иако Ливерпул доминираше во првото полувреме и создаде голем број шанси, се што беше важно на овој меч се случи во вториот дел. Резултатот го отвори Мекалистер во 52. минута со прецизен удар со кој го совлада дотогаш одличниот Куртоа. Реал можеше да израмни во 60. минута кога Лукас Васкез изнуди пенал, но Мбапе не беше прецизен од белата точка, односно Келехер го одбрани неговиот удар. 

Слично помина и Салах на спротивната страна кога исто така не успеа да искористи пенал со таа разлика што тој ја погоди стативата од надворешната страна и потоа топката замина во гол-аут. Точка на мечот стави Коди Гакпо во 77. минута откако со глава, на фантастичен начин го искористи центаршутот од Робертсон.

Од останатите натпревари, за одбележување e неверојатниот пресврт на ПСВ кој до 87. минута губеше со 0-2 од Шахтјор, а сепак победи со 3-2, со головите на Тилман (2) и Пепи.

РЕЗУЛТАТИ
Астон Вила - Јувентус 0-0
Болоња - Лил 1-2
Селтик - Бриж 1-1
Динамо - Борусија Дортмунд 0-3
Ливерпул - Реал 2-0
Монако - Бенфика 2-3
ПСВ - Шахтјор 3-2
Црвена Звезда - Штутгарт 5-1
Штурм - Жирона 1-0