„Не носете шалови на ПСЖ низ Белград зашто ќе добиете - ќотек!“

Белградска Црвена Звезда за помалку од една недела ќе го дочека француски Пари Сен Жермен на својот стадион во последното коло во Лигата на шампионите, но Французите стравуваат од можни инциденти и напади врз француските државјани, па објавија низа препораки, кои досега не се видени за навивачите.

Министерството за надворешни работи на Франција објави препораки за навивачите пред гостувањето во српската престолнина, во кое им предочува да не носат шалови или други обележја додека се шетаат низ градот, ама им даде препораки и на новинарите на угледниот „Л'Екип“ да не патуваат во Белград, поради скандалот со „местенката“, кој го објавија и со кој се крена голема прашина во Србија.

„Француските државјани, кои сакаат да присуствуваат на мечот Црвена Звезда – Пари Сен Жермен на 11 декември во Белград, може да влезат на стадионот само со купен билет од официјалната страница на ПСЖ. Се предупредуваат приврзаниците на ПСЖ, како и француските државјани кои живеат во Србија во следните неколку денови, а посебно на денот на одигрување на мечот, да не се шетаат низ Белград или другите поголеми српски градови со обележја на ПСЖ. Препорачуваме крајна дискреција и избегнување на собири во поголеми групи“, се вели во препораката.

Оваа препорака доаѓа по тепачката која изби пред „Паркот на принцовите“ по мечот, во која тешко повреден беше еден срспки навивач, па сега во Франција стравуваат од можна одмазда, но и поради фактот што француски навивач на Тулуз, Брис Татон загина во 2009 година кога тој и неколку други навивачи биле нападнати во центарот на градот. Татон почина во болница по неколку дена.