На Барса ѝ се повтори Реал од минатата сезона

Чудни резултати бележи Барселона последните години, како на меѓународна сцена, така и во шпанскиот фудбал.

Девет години е без титула во Лигата на шампионите каде доживеа неколку катастрофи, а и во Шпанија има само еден пехар од 2019 година. Некогашниот европски гигант знае да блесне на некои големи натпревари, а потоа тотално да разочара за што, една од причините е и фактот што нема толку широк ростер како во минатото.

Заедничко за последните две сезони се болни елиминации во нокаут натпреварувањата по победи на гостински терен. Лани, во полуфиналето од Копа дел Реј, како гостин го победи Реал со 1-0 и сите очекуваа на домашен терен да го потврди пласманот во финалето. Место тоа, на Камп Ноу го доживеа најтешкиот пораз во последните четири децении кога станува збор за дуелите со Реал откако загуби со 0-4.

Слична беше ситуацијата со ПСЖ оваа сезона. Минатата недела во Париз, Барса направи мало изненадување и славеше со 3-2 и на Монжуик требаше да ја сочува предноста. И повторно прими четири гола како домаќин со тоа што сега барем постигна еден.