Мизеријата комплетирана: Шкендија без даден гол во четири меча испадна од Европа!

Мизеријата на македонскиот првак Шкендија заврши, со четврти пораз и четврти меч без даден гол, после вечерашниот втор пораз од летонска Рига (0-1) за елиминација во второто коло во квалификациите за Конференциската лига.

Како тетовци се претставија во Европа летово со четири порази во четири меча, без даден гол и вкупно 0-9, прво во квалификациите за ЛШ, па сега во квалификациите за Конференциската лига, подобро воопшто и да не играа, зашто поголема бламажа на некој македонски шампион немало, а прашање е дали и ќе има.

Толку извиканиот клуб, кој е така разлетан по македонските терени и лесно победува за да дојде до три шампионски круни во последните четири години, во Европа „големите орли“ се претвараат во мали врапчиња, па втора сезона во последните три, Шкендија испаѓа после четири пресметки и само затоа што како првак по елиминација, добива „утешна награда“ да ги продолжи квалификациите.

Оваа мизерија би требало, а тешко дека воопшто некого ќе погоди во ФФМ, да ги освести сите дека тоталниот неквалитет на домашниот шампионат нѐ туркаат во амбис, а сето тоа се гледа кога клубовите после така „исцрпувачка битка“ за излез на меѓународна сцена ќе почнат да се бламираат.

Денеска Шкендија повторно не даде гол, како што не даде ни со Мура во Скопје (0-1), па со словенечкиот првак во Мурска Собота (0-5), па пред една недела против летонскиот шампион (0-2). Севкупно 360 минути и во нив, Бесарт Ибраими, Љупчо Дориев, Ваљмир Нафиу и останатите не можеа да погодат еднаш во мрежата, колку барем за утеха.

Соисало седум минути по стартот на вториот дел погоди за Рига за втора победа и пласман во третото квалификациско коло на Летонците, кои годинава ни одржаа добри фудбалски лекции. Лиепаја на Струга Трим Лум со скопските 4-1 (вкупни 5-2), а сега Рига за тетовци.