„Митровиќ индиспониран, ама нормално е бидејќи игра во слаба лига“

Омилениот српски фудбалски аналитичар Раде Богдановиќ во свој стил ја искоментира играта на својата репрезентација во дуелот со Англија.

„Орлите“ загубија со 0-1, но главен став во медиумите кај нашиот северен сосед е дека селекцијата играла храбро и заслужија барем реми. Како еден од виновниците за поразот, Богдановиќ го посочи Александар Митровиќ кој не влезе во ниедна шанса вечерва.

„Да ни кажеше некој пред натпреварот дека ќе загубиме со 0-1, со две раце ќе прифатевме. Првпат по две години ја гледам нашата репрезентација да игра дисциплинирано, имавме неколку изгледни ситуации, го имавме Младеновиќ, но го имавме и уморниот и индиспониран Митровиќ кој не можеше многу да придонесе во играта. Можеби тоа е нормално бидејќи игра во слаба лига, без силен интензитет“, рече Богдановиќ.

Митровиќ игра во Саудиска Арабија, во тимот на Ал Хилал кој ја освои титулата последната сезона. Пласман во следната фаза, Србија ќе бара во дуелите со Данска и Словенија кои денеска одиграа 1-1 во меѓусебниот меч.