Лестер лесно ја преслуша Легија и направи хаос во групата на Елмас (ВИДЕО)

Фудбалерите на Лестер без поголеми проблеми, лесно и убедливо, ја совладаа Легија (3-1) во вечерашното 5. коло од Лига Европа, со што направија вистински хаос во групата Ц во која е и Наполи на нашиот Елиф Елмас, кој синоќа загуби кај Спартак Москва (1-2).

Англичаните одеднаш излегоа на врвот од табелата со осум бодови, рускиот и италијанскиот тим имаат по еден помалку, а Легија е последна со шест бодови, што значи дека сите четири екипи се во игра за пласман во следната фаза. Решавачко ќе биде последното коло, во кое Наполи ќе го пречека Лестер, а Легија ќе му биде домаќин на Спартак Москва.

Вечерашните средби потврдија пласман во следната фаза на уште три екипи и тоа на Монако, Ренџерс и на Олимпијакос, кои беа подобри во пресметките со Реал Сосиедад (2-1), Спарта Прага (2-0) односно Фенербахче (1-0). Во нокаут-фазата од Лига Европа веќе се најдоа и тимовите на Лион, Баер Леверкузен, Вест Хем, Бетис, Ајнтрахт Франкфурт, Галатасарај и Лацио.