Ќе види ли Рим ново чудо: „Волчицата“ ги изеде Барса и Челси, зошто не и Ливерпул?

Дали Ливерпул ќе игра во своето осмо финале во Лигата на шампионите или Рома вторпат ќе има шанса да се бори за „големите уши“, вечерва во Рим ќе биде разрешено, кој ќе му се спротивстави на најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид во финалето на 26 мај во Киев.

Нема многу математики за вечерашниот дуел. По убедливите 5-2 на англискиот великан Ливерпул на својот „Енфилд роуд“, за италијанска Рома шансата е една – да направи ново чудо. И римјаните со прво се надеваат дека може да го свртат двомечот во своја корист, кога со резултатот 3-0, кој ги води во финале веќе сезонава победија два гиганти. Прво Челси, во тој момент актуелен англиски првак во групната фаза, а потоа во претходната елиминациска рунда и големата Барселона предводена од Лионел Меси за епски кам-бек и прво полуфинале по 37 години. Затоа и со право, римските навивачи веруваат во чудо, зошто ако нивниот тим можел да ја клекне една Барселона, па и еден Челси, зошто не би можел и Ливерпул.

Рома атакува на нова сензација и ново чудо, но вечерва нема да зависи само од нив, затоа што пред себе „волчицата“ го има Јирген Клоп и посебно разположениот Мохамед Салах, како клучен фудбалер на Ливерпул. Во историјата на Лигата на шампионите, низа сензации виде светската јавност, од последната на римјаните со Барселона, преку ланската на Каталонците со ПСЖ (триумф со 6-1 по поразот со 0-4), па епскиот пресврт на Ла Коруња од 2004 со Милан (победа со 4-0 по пораз со 1-4). Прашање е дали Рома сега има сила за такво ново чудо, особено што во завршницата на сезоната и напорната битка на два фронта (сè уште водат тешка војна за место во ЛШ преку Серија А) свежината и концентрацијата полека опаѓаат?

„Сакаме нов кам-бек и ќе направиме сè за да направиме навистина голем успех. Мора да имаме верба во себе, а со нашиот менталитет и нашите навивачи ние се надеваме на ново чудо. Јас сум презадоволен што стигнавме до тука, но не застануваме. Целта е Киев, а ран гол како со Барселона ќе го отвори патот. Ни треба да го пресликаме мечот од дуелот со Барса“, вели Еузебиот Ди Франческо, тренерот на Римјаните.

Ливерпул има добра залиха, иако „црвените“ уште по првиот меч можеа да го слават финалето, ако не беше падот во завршните 15-на минути, кога Рома со два гола ја врати надежта дека може дома да се избори за нов историски кам-бек. За Ливерпул шансата е огромна, а Мохамед Салах и неговата брзина главен адут да се замолкне „Олимпико“, ако се искористи просторот и моментот дека Италијанците ќе мора од почеток да тргнат ултраофанзивно.

„Тука сме да се избориме за нашиот сон. Многумина мислат дека Рома треба да победи 3-0 и толку. Па, ние нема да останеме во соблекувална. Ова е тоа што сите го сакаме, меч со голем влог и меч за големи нешта. Приказната за Ливерпул во Рим е убава, ама таа нема да ни помогне многу. Ова е меч на прекрасен стадион во прекрасен град против многу силен тим. Ако навистина сакаме да победиме, мора да прифатиме дека можно е и да загубиме. Мора сите да бидене многу храбри“, вели Клоп.

Вториот чин од репризата на финалето пред 34 години во Рим е шанса за Ливерпул по 11 години да игра финале, а за Рома да ја продолжи историската сезона и по нецели три ипол децении да дојде во завршната битка за најпрестижниот трофеј. Сега останува, двата тима да одиграат нов врвен и спектакуларен меч за кој долго ќе се раскажува.

МОЖНИ СОСТАВИ

Рома: Алисон – Флоренци, Манолас, Фазио, Коларов – Наинголан, Де Роси, Пелегрини – Шик, Џеко, Ел Шарави

Ливерпул: Кариус – Александер Арнолд, Ловрен, Ван Дијк, Робертсон – Вијналдум, Хендерсон, Милнер – Салах, Фирмињо, Мане