„Кадена Сер“: Сè поизвесно е дека ЛШ ќе заврши на „Луж“ во Лисабон!

Еден од најрелевантните шпански медиуми, радиото „Кадена Сер“ објави дека сè поизвесно е дека финалето во Лигата на шампионите ќе се одигра во Лисабон и тоа на стадионот „Луж“, а во моментов во Европската фудбалска унија (УЕФА) само се разработува сценариото како да се доигра сезоната, која ја прекина пандемијата од коронавирус среде осминафинални мечеви.

„Кадена Сер“ повикувајќи се на свои извори во УЕФА посочува дека во Нион имаат две сценарија за сезоната со една веќе сигурна завршница – Лисабон. Ова дошло откако УЕФА и турските власти во последниве денови се согласиле дека во моментов Истанбул, каде требаше да се игра финалето, не е подготвен за такво настан и тоа најмногу од економски причини, а градот не бил спремен ниту да организира „фајнлфор“ со мечеви без публика.

Бидејќи Португалија за разлика од половина Европа многу лесно ја преброди кризата со коронавирусот, па земјата дури и ги отвори границите без никакви рестриктивни мерки, на УЕФА ѝ се погоди за оваа земја да биде фаворит за домаќин на завршницата во ЛШ, иако во последниве денови и Германија се споменуваше во таа опција.

Лисабон беше домаќин на финале во 2014 година, па изборот паднал на престолнината на Португалија, од причина што во следните три години едно финале секако ќе има во Минхен (Германија).

Радиото посочува дека во моментов УЕФА има две сценарија од кои ќе треба едно да избере до 17 јуни, кога е закажан Извршниот комитет и кога ќе треба да се донесат сите клучни одлуки за рестарт на прекинатата сезона, но и стартот на новата. Првото сценарио е сезоната да се доигра по нормалниот формат и да се продолжи каде што се прекина со реваншот на осминафиналните мечеви. Второто сценарио, пак, е да се смени комплетниот формат, односно од четвртфиналето да се игра на неутрален терен се до финалето. Второто сценарио зависи и од земјите чии претставници се во завршницата на оваа сезона, дали ќе може да гарантираат организација на мечеви на свој терен.