Јаневски: Ја преземам вината за овој тежок пораз и се извинувам на публиката!

Тренерот на Вардар Чедомир Јаневски самиот ја презема вината за поразот од 0-6 од Реал Сосиедад во Лигата на Европа. Тој на прес-конференцијата по мечот и се извини на публиката и истакна дека ова е еден тежок пораз за клубот. 

„Немам што да кажам после еден ваков натпревар. Ова е еден тежок пораз за нашиот клуб. Наидовме на силен противник, брзо ни поведоа, потоа можевме и брзо ра израмниме што можеби ќе го сменеше натреварот. Потоа погодија и втор пат и беше многу тешко да се игра. Реал Сосиедад има вакви силни натпревари секоја недела во своето првенство. Во овој натпревар не покажавме повеќе, јас и се извинувам на публиката за поразот, моја е грешката. Јас погрешив некои работи и навистина ми е жал за навивачите, кои дојдоа во голем број да го бодрат Вардар“, рече Јаневски.

Комитите единствено имаа преодна оценка на овој натпревар. Тие навиваа во текот на сите 90 минути од натпреварот и покрај негативата. Јаневски истакна дека најважно е сега тимот психолошки да се врати во домашното првенство.

„Комитите го направија своето и ја понесоа целата публика и тука не можеме да бараме алиби, сигурно не јас како тренер. Имавме подобро навивање отколку во домашното првенство. Ние требаше да вратиме подобро на теренот. Ова боли, но тоа е она што е. Не можеме да го вратиме времето, за нас останува најважно првенството, што можно побрзо на психолошки план да се вратиме во првенството и во Прилеп да славиме против Победа“, додаде Јаневски.