И тоа се случи: УЕФА го демантира својот претседател Чеферин!?

Има ли УЕФА некаков план, освен што двапати одложи сè поради пандемијата со коронавирусот, очиглено никој не знае. Ама не знаат ни во Нион што прават, кога успеаа за 24 часа, сами себе да си се демантираат.

Откако се појавија низа информации околу можниот календар, со новите одложувања од пред некој ден, Александер Чеферин за германски „ЗДФ“ посочи дека постои и опција ЛШ да не се игра воопшто ако кризата со Ковид-19 не запре. Начелно првиот човек на УЕФА посочил дека планот е завршување на сезоната до 3 август, старт на новата на почетокот на септември.

Но.... Не било така. Тоа го вели УЕФА со демант. Успеа УЕФА да го демантира својот претседател, што е првпат во историјата, со образложение дека Чеферин не бил најупатен во сите детали. Немало никакви рокови кога да се заврши сезоната.

„Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин во интервју за „ЗДФ“ рече дека ЛШ мора да заврши до 3 август. Тоа не е точно. Претседателот не објасни убаво. УЕФА ги анализира сите можни сценарија за да може домашните шампионати, а и европската сезона како што личи да завршат. Затоа е формирана и работна група на 17 март. Најважна работа сега е здравјето на сите, а потоа, календарот и опциите за да го пополниме. Има шанси да се игра во јули и август, но сето тоа зависи од националните федерации, но и од властите во секоја држава“, порачаа преку соопштение од Нион.