Холандија и Хрватска на чекор до фајнлфор во Лига на нации (ВИДЕО)

Селекциите на Хрватска и Холандија дојдоа на чекор до плазман во завршниот фајнлфор за трофејот во третата сезона во Лигата на нациите, после вечерашните победи против Полска (2-0) односно Данска (2-1) во претпоследната рунда од групната фаза во елитната А-дивизија.

Хрватска успеа и вторпат да ги победи Данците, па после триумфот во Копенхаген со 1-0 во јуни, сега во Загреб славеа со 2-1 и го преземаа лидерското место во групата со 10 бода, еден повеќе пред Данска, а пет пред светскиот првак Франција, која со триумфот против Австрија избега од последното место во групата.

На Хрватска сега и треба победа против Австријците за да го осигураат првото место и место меѓу најдобрите четири во борба за пехарот, иако можат и со пораз да се пласираат, ако Данска не ја победи Франција во завршното коло.

Борна Соса во 49-та минута ја донесе Хрватска во водство, но Кристијан Ериксен со прекрасен гол израмни во 77-та минута, ама само минута ипол траеше радоста на Данците откако Ловро Мајер со голот во 79-та ја донесе победата.

Франција, пак, цело полувреме се мачеше со Австрија, па Килијан Мбапе и Оливие Жиру за девет минути донесоа победа од 2-0 за „триколорите“, кои избегаа од последното место и нема да треперат за евентуално испаѓање во „втората лига“, иако теоретски тоа е возможно, но прашање колку реално остварливо (Австрија да победи со Хрватска, а Данска да ги победи Французите).

Холандија направи нов чекор поблизу до фајнлфорот, откако со 2-0 ја победи Полска со голови на Гакпо во 14-та и Бергвајн во 60-та минута, па „лалињата“ останаа на плус три пред Белгија на коло пред крајот и меѓусебното соседско дерби во кое „црвените ѓаволи“ за да ги прескокнат ќе треба убедливо да победат со четири разлика. Холандија во првото коло ги здроби Белгијците со 4-1 како гости. На Холандија ѝ одговара сѐ и до пораз со два гола негатива.

Белгија денеска го победи Велс со 2-1 со голови на Кевин Де Брајне и Мичи Батшуаи за половина час од мечот.

Турција и Казахстан се првите два паткика во Б-дивизијата од „нашиот“ Ц-сектор, после ремито со Луксембург (3-3) односно триумфот над Белорусија (2-1). Словачка загуби од Азербејџан со 1-2, а Литванија ремизираше со Фарските Острови 1-1

Во најслабата Д-дивизија, Молдавија ја победи Летонија со 2-1, а Андора со 2-0 славеше против Лихтенштајн