Херојот на Ц. Звезда: Нѐ крадеа, нѐ потценуваа, ама со срце, желба и со Господ – победивме!

Милан Борјан, голманот на белградска Црвена Звезда е херојот на поранешниот европски првак за трето учество по ред во групната фаза во Европа. Синоќа со три одбранети пенали во лудиот и антологиски пенал-рулет во Копенхаген, па и постигнат гол од белата точка, ја однесе Ц. Звезда на чекор до пласман во елитата втора година по ред.

Борјан е репрезентативец на Канада, ама незаменлив во ренесансата на црвено-белите, кои доминираат во Србија, играа шеснаестинафинале во Лига Европа, лани првпат по 27 години во ЛШ и сега се на чекор повторно до елитата.

„„Оваа ноќ е неверојатна! Неверојатна за сите звездаши низ светот. Неверојатно е што трета година по ред ќе играме во групи. Но, има уште два меча за пак Србија да биде горда на нас.Сега со Господ напред, па да влеземе пак во ЛШ, вели Борјан.

Чуварот на мрежата посочи дека срцето, желбата, карактерот и пред сѐ Господ биле решавачки за триумфот и пласманот на „Паркен“, иако белграѓани беа на работ на бездната неколкупати во текот на рулетот.

„Бев мирен, сконцентриран и се обидов пред пенал-рулетот да видам како и на која страна шутираат фудбалерите на Копенхаген. Добро се подготвував и за ова. Сѐ се исплатеше на крајот. Во еден момент сѐ беше на нивна страна, ама кога имаш срце – сѐ доаѓа на свое место! Господ е голем. Судии нѐ крадеа, беа на страната на Копенхаген, ама кога имаш срце, желба, луѓе што веруваат во тебе, тогаш – победуваш! Нѐ потценуваа, но ние покажавме неверојатен карактер. Се боревме и верувавме до самиот крај. Ние се боревме за љубовта која навивачите ни ја даваат“, додава голманот.

За крај, урнебесно порача што пресудило за тој да биде – човек на одлука.

„Боаќи рече дека ќе се помоли за мене да бранам што подобро и му дозволив. Тој е многу побожен. Му благодарам“, со насмевка потенцираше Борјан.