Херојот на Англија: Се колнам во животот на децата, му кажав на Палмер дека ќе ми асистира

Оли Воткинс ја одведе Англија во финалето со голот во 91. минута против Холандија за 2:1.

Напаѓачот на Астон Вила во игра влезе само десет минути претходно на местото на Хари Кејн и постигна прекрасен гол. Воткинс го прими додавањето од Кол Палмер додека од зад грб му беше Стефан Де Фрај, сепак се снајде на одличен начин и ја смести топката во мрежата.

„Го чекав овој момент со недели. Потребно е многу напорна работа за да дојдете до ова ниво каде што сум јас. Воодушевен сум. Се колнам во животот и животот на своите деца, му кажав денес претходно на Палмер дека ќе влеземе во игра и дека ќе ми асистира. Тоа на крајот се случи. Кога видов дека топката влегува во мрежата, тоа беше најдоброто чувство кое сум го имал досега.

Имаше критики на наша сметка, но ние сме во финалето и тоа е се што е важно. Имаме карактер да се вратиме кога ќе потонеме“, изјави Воткинс.

Во битката за европската титула која Англија никогаш не ја освоила ќе игра против Шпанија в недела од 21:00 часот.