Хајдук и по 15 години не успева да влезе во главната фаза од европските купови

Некогашниот југословенски гигант Хајдук веќе долго време чека голем успех и на домашна и на меѓународна сцена.

Титула во хрватското првенство нема од 2005 година, мала утеха се националните купови освоени во 2022 и 2023 година, а пласман во главната фаза во европските купови чека веќе деценија и пол. Синоќа Хајдук доживеа елиминација во третото квалификациско коло на Конференциската лига од албанскиот претставник Динамо Сити и им приреди ново разочарување на своите навивачи.

На листата на клубови кои во овие 15 години го елиминирале сплитскиот клуб има некои познати имиња, но и такви за кои никој не слушнал. Покрај Динамо Сити кој е релативно непознат и без поголем успех на меѓународна сцена, најголемото разочарување е од 2019 година кога Хајдук испадна од екипата од Гзира од Малта. Покрај неа, кобни за „билите“ беа клубови како Дила Гори од грузија, Тобол од Казахстан, Ружомберок од Словачка итн.

Останатите кои го елиминираа Хајдук во овие 15 години се Дебрецен, Шелбурн, Стоук, Интер, ФЦСБ, Галатасарај, ПАОК, Днипро, Слован, Макаби, Евертон и Виљареал.

Последниот голем успех за Хајдук на меѓународна сцена е пласманот во групната фаза од Лигата Европа во сезоната 2010/11 кога во квалификациите ги елиминира Динамо Букурешт (вкупно 4-3) и Униреа (5-2), но во групата со Зенит, Андерлехт и АЕК го освои последното место со само три бода.