Градскиот спектакл во Мадрид во центар на вниманието во осминафиналето во ЛШ!

Во следните два дена ќе се одиграат првите натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите, а вечерва епитетот најголемо дерби го носи мадридскиот судир меѓу Реал и Атлетико (21 часот), закажан за на „Сантијаго Бернабе“.

„Кралевите“ групниот дел од натпреварувањето го завршија на 11. место со 15 бодови, поради што мораа да играат плејоф за место меѓу 16-те најдобри екипи. Избраниците на Карло Анчелоти во двомечот против Манчестер Сити двапати беа подобри (3-2, 3-1) и обезбедија пласман во наредната фаза. Атлетико Мадрид, пак, го заврши групниот дел на петтото место со 18 бодови, што му овозможи директен пласман во осминафиналето на најпрестижното европско клупско натпреварување.

„Дербито секогаш носи посебни емоции и притисок. Очекувам изедначен меч, а конечната одлука ќе падне во реваншот. Нашата цел е да одиграме добро и да стекнеме предност, но не размислуваме колкава ќе биде таа“, изјави Анчелоти.

Тренерот на Реал додава дека, иако стилот на Атлетико се разликува од оној на Манчестер Сити, неговиот тим нема да се откаже од својата игра.

„Свесни сме за разликите, но нема да го менуваме нашиот стил, менталитет и пристап“, додаде Италијанецот.

Очекувањата се дека Реал ќе настапи со офанзивното трио – Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Родриго.

„Нема да ја засилуваме средната линија на сметка на нападот. Ќе останеме верни на нашата офанзивна идеја“, заврши Анчелоти.

Осминафиналната фаза први ќе ја отвора Бриж и Астон Вила (18.45 часот), додека во истиот термин како во Мадрид силите ќе ги одмерат уште и Борусија Дортмнуд и Лил односно ПСВ и Арсенал.