Голема победа за Ристовски и Адеми во Братислава, тежок пораз за Миовски во Ајндховен!

Тројца од нашите четворица фудбалери во Лигата на шампионите настапија во првите два денешни мечеви од елитното клупско натпреварување, Динамо Загреб убедливо победи, Жирона убедливо загуби.

По тешкиот пораз од Баерн Минхен во првото коло, Динамо Загреб почна да игра одлично во Лигата на шампионите, веќе ја забележа и втората победа. Денеска со убедливи 4-1 славеше на гостувањето кај Слован Братислава.

Стефан Ристовски го одигра целиот натпревар, Адеми влезе од клупата како прва замена во 64. минута.

Слован поведе со гол на Стрелец уште во петтата минута, но само пет минути подоцна Шпикиќ изедначи на 1-1.

Во 30. минута Шучиќ даде гол за комплетен пресврт и водство на Динамо Загреб од 2-1. Тоа беше резултатот по првото полувреме.

По девет минути игра во вториот дел Куленовиќ реализираше за 3-1 за Динамо, а истиот фудбалер во 72. минута даде уште еден гол за конечни 4-1.

Жирона со 4-0 загуби на гостувањето кај ПСВ. Миовски беше стартер, имаше една голема шанса на почетокот од мечот, но не ја искористи. Македонецот во игра беше до 67. минута.

Головите за ПСВ ги постигнаа Фламинго, Тилман, Бакајоко и Крејчи си постигна автогол.