По двата порази во дебитантската сезона во големото друштво, македонскиот шампион Вардар в четврток на Националната Арена „Филип Втори“ ќе го дочека шпански Реал Сосиедад (19 часот), а црвено-црните против фаворизирниот ривал сега посакуваат да ги освојат првите бодови. Шкендија е веќе минато, а вардарци насмеани и максимално концентрирани на новиот европски предизвик веќе ги започнаа завршните подготовки за задутрешниот меч.

Сосиедад е клуб со исклкучително талентирани фудбалери, со далеку поголемо искуство и огромен квалитет посебно на технички план, а фактот дека доаѓаат од земјата која клупски доминира во европските натпреварувања во последната декада е јасен показател дека вардарци ги чека исклучително тешка задача. Против Шпанци и многу поголеми титмови не се наиграле, пред се поради желбата на пиринејците да ја држат топката во нозе и да му дадат многу мал простор на противникот за да ги нападне. Затоа и средниот ред на вардарци ќе има и најтешка задача, да се избори да го земе поседот на топка и со добра организација да го нападне баскискиот тим.

„Со тимска игра се надевам дека ќе успееме да дојдеме до тоа што го посакуваме – позитивен резултат! Пред се да го подобриме впечатокот од првиот меч на домашен терен против Зенит. Ние немаме индивидуалци како што имаат останатите европски противници, меѓутоа пак ќе кажам тимската игра треба да не краси. Против Шкендија покажавме две лица, прво полувреме во кое апсолутно недозволиво одигравме, за разлика од тоа во второто доминиравме и успеавме да го свртиме резултатот против исклучително квалитетна екипа, екипа која што е во рамките на европските мечеви. Сигурно е дека тоа треба да ни даде еден правец, како треба да одиграме и во четврток. Но, пак ќе кажам некогаш и противникот диктира. Многу е тешко против екипа од рангот на Сосиедад да се воспостави сопствена игра, да успееме ние да го диктираме темпото, меѓутоа ќе се трудиме што е можно повеќе да ја имаме и ние топката во свој посед затоа што невозможно е да се браните 90 минути против таква екипа и да не ви направат шанси“, вели стандардниот играч за врска на црвено-црните Никола Глигоров.

Бобан Николов, стандардниот макеоднски репрезентативец се враќа во составот на Вардар по паузата од десетина дена поради повреда на слабините, поради кои ги пропушти последните два мундијалски квалификациски мечеви за црвено-жолтите, со Италија (1-1) и Лихтенштајн (4-0). За Николов, Сосиедад е тим кој дава, но и прима голови, и Вардар ќе треба да ги најде дуките во одбраната за да стигне до погодоци и да се избори за бод(ови).

„Зошто да не може да освоиме бод(ови) со Сосиедад? Првиот меч го игравме лошо, вториот го одигравме подобро и сега мислам дека е на ред да се земе бод или бодови. Реал Сосиедад има голем квалитет игра отворен фудбал, во кој дава голови, ама и прима. Јас се надевам дека ќе ги најдеме нивните проблеми во одбраната и ќе ги совладаме. Кога можеме против против еден Фенербахче, можеме и против сите овие три екипи што се во групата. Имав пауза од 10 дена по проблемот со слабините, но сега сум во ред и се надевам дека сум во добра форма. Мислам дека се вратив и подготвен сум 100 отсто за овој меч, а дали ќе играм, тоа ќе реши тренерот“, вели Николов.

Вардар својата цел ја оствари со пласманот во Лига Европа, па сега пред фудбалерите се мечеви на кои треба да уживаат и пред се да собираат искуство. За Глигоров, дебито со Зенит поради историската важност (прв меч на големата сцена) беше притисок, кој сега го нема, па порастеретени може да одиграат далеку подобро од тоа бледо издание со Русите.

„Во првото коло против Зенит можеби изгоревме од желба, премотивирани влеговме, не оладија уште во четврта минута и тоа некако не пресече. Со Розенборг, пак ќе кажам, иако загубивме впечатокот беше позитивен барем кај нас во соблекувалната, не знам кај остатокот од јавноста. Веќе го немаме тој психолошки товар, не дека имавме и пред групната фаза дека гаиме некои амбиции за прво место во групата, меѓутоа домашен терен, прв меч, историски сигурно дека беше притисок за нас. Е сега од еден друг аспект гледано, треба повеќе да уживаме и низ тоа уживање да дадеме максимум на овој меч. Имаме уште два дена да се подготвуваме, да ги анализираме, но и ние да се анализираме самите себе. И против многу посилни екипи од нив да се игра, треба да се надеваме дека можеме да воспоставиме некаков посед, видовме и на гостувањето во Розенборг, имавме поголем посед од нив, иако тие не совладаа да речам убедливо. Се надевам дека ќе има еден баланс помеѓу нападот и одбраната и тоа многу ќе ни помага и на нас играчите за врска“, додава Глигоров.