Финалето во Лига Европа со 9.500 навивачи, за финалистите по – 2.000 билети

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека се пуштени во продажба 9.500 билети за финалето во Лига Европа, кое треба да се игра на 26 мај во Гдањск, а двата финалисти ќе добијат по 2.000 билети за своите навивачи за оваа пресметка.

Во четврток се играат реваншите од полуфиналето, а Манчестер јунајтед веќе извесно е дека ќе биде еден финалист после убедливите 6-2 со Рома (сега „ѓаволите“ гостуваат во Рим), додека на „Емирати“ ќе се решава вториот финалист и Арсенал има активни 1-2 од првата пресметка во Шпанија со Вилјареал.

УЕФА реши и ова финале, како и финалето во ЛШ во Истанбул на 29 мај да се игра со ограничен број на гледачи, како најава за Европското првенство кое ќе мине со публика летово. Од 9.500 билети за финалето во Лига Европа, што е 25 отсто од капацитетот на Арената во Гдањск, по 2.000 ќе добијат финалистите, а остатокот УЕФА ќе го даде на локалниот организатор, како и на официјалните фудбалски лица, спонзорите, емитерите, партнерите...

Но, иако има три недели до финалето, нејасно е дали навивачи на финалистите ќе може да дојдат на мечот, зашто на сила се разни рестрикции, кои може да спречат такво нешто.

„Навивачите од странство ќе мора да се придржуваат до ограничувањата и протоколите и правилата кои се на сила во моментот кога ќе се игра финалето, зашто ни носителите на билети нема да бидат исклучени од сето тоа“, објави УЕФА.