Еврогол на Винисиус за победа на Реал, Дуе му донесе пресврт на ПСЖ (ВИДЕО)

Реал Мадрид ѝ се одмазди на Бенфика и со голема победа се враќа од Лисабон, од првиот плејоф натпревар во Лигата на шампионите.

Шпанскиот вицепрвак славеше со 1-0 во уште еден бурен меч, многу сличен на оној што го одиграа овие две екипи минатиот месец. Сега немаше толку голови како тогаш, но не изостанаа возбудувањата.

Реал беше подобар тим и заслужено славеше, а единствениот гол на фантастичен начин го постигна Винисиус, по само пет минути игра во второто полувреме. Неколку секунди подоцна дојде до инцидент и прекин затоа што Бразилецот се пожали дека бил навреден на расна основа од противничкиот фудбалер Престијани, па десетина минути немаше фудбал Да Луж. Кога играта продолжи, Реал рутински успеа да го приведе мечот кон крај, а ќе остане забележано дека во финишот беше исклучен тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо кој нема да ја води својата екипа на реваншот во Мадрид.

Уште повозбудлуво беше во Монако каде истоимениот тим во француската пресметка загуби од ПСЖ со 2-3. Дуелот имаше интересен тек, по само 18 минути игра Монако водеше со 2-0 со двата гола на Балогун. Во 22. минута Витиња промаши пенал и се чинеше дека домашниот тим го има моментумот на своја страна и дека без проблеми ќе стигне до победата.

Сепак, во 27. минута се случи нешто што сосема го смени текот на натпреварот. Од игра излезе Усман Дембеле, најверојатно поради повреда иако нема официјални информации и на негово место влезе Дезире Дуе. Токму тој беше најзаслужен за пресвртот на ПСЖ бидејќи само две минути подоцна намали на 1-2, во 41. минута му асистираше на Хакими за израмнување, а во 67. минута уште еднаш погоди за комплетирање на пресвртот кој го носи европскиот шампион на чекор од пласман во осминафиналето.

РЕЗУЛТАТИ
Галатасарај - Јувентус 5-2
Бенфика - Реал 0-1
Борусија Дортмунд - Аталанта 2-0
Монако - ПСЖ 2-3