Македонија е црна дупка на УЕФА: Албанија и БиХ добија младински првенства, ние стадион за сениори немаме!

Инвестираме во инфраструктурата веќе деценија. Ова е главна фалба на фудбалските фотелјаши од ФФМ, се броеа колку терени се реновирале, колку нови трибини се изградиле, а реалноста е дека немаме нормален стадион за сениорите, а не па за младинските селекции и за организација на некој поголем настан, како младински континентални шампионати.

Од 2010 година кога Македонија беше домаќин на Европско првенство за фудбалерки до 19 години, на четири стадиони во Маџари, Автокоманда, на Националната Арена и во Куманово (стадионот на Башкими), земјава нема организација на некој поголем настан, а секое Собрание на ФФМ, со гостите од УЕФА и ФИФА, само зборови за поддршка и фалба – на правиот пат сме.

УЕФА денеска на Извршниот комитет на УЕФА избра домаќини на младинските првенства во следните неколку години, па така организација доби соседна Албанија за фудбалери до 17 години во 2025 година, додека БиХ доби организација на Европско првенство за фудбалерки до 19 години во 2026 година.

Македонија ја нема на повидок, ние сме „црна дупка“ со инфраструктурата, па воопшто и не се кандидираме за вакви настани и собири на најдобрите таленти во една генерација на Стариот континент. Всушност ние пред светот се бламираме со мизерниот терен на нашиот најрепрезентативен објект, Националната Арена, каде секакви паразити го уништуваат стадионот, па за младински првенства и повеќе фудбалски арени тешко да замислиме дека и во следната деценија би можеле да организираме првенство во младински категории.

Прашањето е дали луѓето од УЕФА и ФИФА воопшто ги прашуваат фотелјашите на ФФМ како на толку пари за проекти од Нион и Женева, инфраструктурата сѐ уште ние од – титово време.

Инаку Северна Ирска во 2026 и Финска во 2027 ќе бидат домаќини на ЕП за девојчиња до 17 години, Албанија во 2025, Естонија во 2026 и Летонија во 2027 за фудбалери до 17 години, БиХ во 2026 и Унгарија во 2027 за фудбалерки до 19 години, а Велс во 2026 и Израел во 2027 за фудбалери до 19 години.