Целта веќе е остварена, Шкендија без притисок ќе игра против Лудогорец

Македонскиот шампион Шкендија утре (четврток) со почеток од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека Лудогорец во првиот меч од плејофот за пласман во лигашкиот дел од Лига Европа.

На денешната прес-конференција пред утрешниот меч зборуваа тренерто Јетон Беќири и играчот од средниот ред, Решат Рамадани.

Шкендија претходно трипати има играно во плејоф за пласман во Лига Европа, но тогаш следуваше елиминација, сега со појавата на Конференциската лига, тетовскиот тим има загарантирана групна фаза во ова натпреварување, па притисокот е помал.

„Не очекува тежок натпревар затоа што ние играме против еден противник кој речиси секоја година игра во групите во Европа, затоа треба да дадеме максимум, да бидеме многу сериозни. Сега немаме многу простор со почетокот на домашното првенство, имаме малку денови да се спремаме, но мора да го даваме максимумот и во Европа и во нашата лига. Досега сум задоволен од речиси сите натпревари кои ги одигравме во Европа, не сум задоволен само од оној во Баку, пред се не сум задоволен од себе си за тој меч. Нормално дека притисокот е помал од претходно кога сме играле плејоф за Лига Европа и кога сме биле елиминирани. Сега е сменето натпреварување, знаеме дека ќе играме во група и сме помирни“, вели Беќири. 

„Нормално дека собираме информации за противникот, конкретно за Лудогорец. Јас ги следев двата меча на Балкани против Лудогорец лани, тие имаат нов стручен штаб сега и нови фудбалери. Но, јасно ни е дека и тие знаат многу работи за нас. Ние ќе се обидеме да покажеме добар фудбал, да се бориме и да изненадиме еден противник кој е фаворит на хартија. Треба да учиме во овој период, да учиме од овие противници, бидејќи сме во момент кога учиме и сметаме дека Шкендија од година во година мора да расте и да расте како клуб. Сите против кои играме се екипи кои со години инвестираат, Стеауа, Карабах, Лудогорец... затоа играат постојано во групите“, додава тренерот на Шкендија.

Максимален фокус и добра игра ветува фудбалерот Решат Рамадани.

„Атмосферата е многу добра, фокусирани сме, знаеме дека играме со тим кој е фаворит, но свесни сме дека и ние имаме квалитет и ќе излеземе на терен да го покажеме тоа што знаеме и умееме. Ќе биде тешко, има притисок, но не голем бидејќи имаме веќе обезбедено групи, но ќе дадеме се од себе, ќе се надигруваме со Лудогорец“, рече Рамадани.