Бразил и Аргентина ќе играат во Лигата на нации на УЕФА?!

Во ек на длабока поделба во светскиот фудбал и војната на релација на ФИФА и УЕФА околу планираните реформи со Светското првенство на две години, нова „луда идеја“ им текна на фудбалските челници, овојпат во Европа – Бразил и Аргентина да играат во Лигата на нации.

„Газета дело Спорт“ објавија дека УЕФА планира да ги покани двете најголеми фудбалски селекции од Јужна Америка да играат во тазеформираното натпреварување, кое почна да се игра од пред три години, но засега без детали во кој дел од натпреварувањето би играле.

Ова би било дел од соработката на УЕФА и КОНМЕБОЛ, двете конфедерации кои најостро се спротивставуваат на проектот на ФИФА за Мундијал на секои две години.

Една од идеите е Бразил и Аргентина да играат во завршницата на Лигата на нации, односно на фајнлфорот, па да има две групи по три селекции и потоа првите две да одат во полуфинале, а преку финале да се добие победникот. Ова се толкува како шанса Лигата на нации да генерира уште повеќе пари од ТВ-договорите.

Втората опција е Бразил и Аргентина да бидат дел и од групната фаза, што за овие селекции и не би било проблем, од причина што безмалку сите репрезентативци играат во Европа, па лесно би се собрале и би имале пократки патувања. Но, проблем е периодот кога Лигата на нации би се поклопила со мундијалски квалификации, зашто приоритет секако би биле квалификациите.

Инаку УЕФА и КОНМЕБОЛ веќе договорија три Суперкупови, почнувајќи од идната година со пресметката на Италија и Аргентина за супершампион, откако овие две селекции летово станаа европски односно јужноамерикански првак. Двете конфедерации од почетоков на годинава имаат многу тесна соработка, а таа наскоро уште повеќе ќе се продлабочува откако Јужна Америка ќе отвори своја канцеларија во Лондон.