Баскијците претпазливи: Знаеме дека нема да биде лесно со Вардар!

Реал Сосиедад со сите расположливи сили ќе дојде во Скопје, меѓу нив и најскапото летно засилување Аднан Јанузај, кој за 10 милиони евра пристигна од Манчестер јунајтед, но фудбалерите на баскискиот тим со голема претпазливост влегуваат во дуелот со црвено-црните в четврток на Националната Арена „Филип Втори“ (19 часот).

Баскијците денеска најавија дека уште на ждрепката не биле задоволни што за противник го добиле македонскиот клуб во групата Л во Лига Европа.

„Мечот со Вардар е многу важен за нас за нас, ние мора да одиме од меч во меч, но наша задача е да победиме в четврток. Никој не беше задоволен што во групата го добивме Вардар, кој дојде од Лигата на шампионите и ние знаевме дека нема да биде лесно во Скопје“ вели Микел Ојарзабал, фудбалерот на Реал Сосиедад, кој сезонава даде четири гола на пет меча.

Чаби Прието е еден од најискусните фудбалери на Сосиедад, кој денеска на шпанските медиуми и посочил дека Вардар не е толку наивен противник и дека против Розенборг ќе имале и поинаков резултат, ако први постигнеле гол (Блажевски погоди дирек во втората минута)

„Гледавме мечеви на Вардар. Тие примија пет гола од Зенит, но против Розенборг имаа свои шанси и ако успеаа први да дадат гол, тогаш ќе беше поинаква приказната за резултатот. Нас не очекува сигурно тежок меч, но ние сме среќни што ќе имаме нов предизвик“, вели Чаби Прието пред доаѓање во Скопје.