Баскијци го напаѓаат Скопје, а пред 15 години еден вардарец ги замолкна среде Билбао!

Македонија нема убави спомени од пресметки со Шпанци, ни клупски, ни репрезентативно, па пред Вардар денеска е шанса да ја прекине црната традиција. Вардар го дочекува Реал Сосиедад, еден од клубовите кои доаѓаат од провинцијата Баскија, позната по своите сепаратистички амбиции и уште по позната по терористичката ЕТА, која пред неколку години се повлече по потпишувањето на примирје со шпанските власти.

Реал Сосиедад не е симбол на Баскија, како што е Атлетик Билбао, најнационалистичкиот клуб, во кој не може да играат ни Шпанци, иако оваа автономна покраина е дел од Шпанија. Во Билбао играат само Баскијци, а за разлика од Сосиедад каде што таков национализам не постои. Но, клубот има неколку фудбалери и од актуелниот состав, кои се дел од баскиската репрезентација, која пред Нова година традиционално игра пријателски меч, а пред 15 години ги одмери силите и со Македонија.

На 28 декември 2002 година, пред речиси 15 години, Македонија играше во Билбао против Баскија и успеа да се избори за – реми! Ако во 12 меча со шпански репрезентации и клубови имаме исто толку порази, најголемиот успех на македонскиот фудбал против оваа пиринејска држава е нерешениот резултат со тамошна провинција. Две години претходно на ист таков меч, Македонија загуби од Астурија со 0-1.

Вардар денеска ќе игра со Баскијци, а тие останаа во шок пред 15 години, кога една вардарова легенда ги шокира, но во црвено-жолт дрес. Артим Шаќири беше стрелецот на голот со кој „Сан Мамеш“ замолкна. Погоди Шаќири осум минути пред крајот, откако Хуан Перез им донесе водство на Баскијците во 76-та минута.

Баскија има репрезентација, која играла пријателски мечеви и со јужноамериканските гиганти уште во 20-те години од минатиот век, а активно игра најмалку еден меч во годината од 90-те години во минатиот век. Имаат натпревари со Русија, Уругвај, СР Југославија, Србија, Камерун...

Тоа што е интересно е дека дури деветмина од актуелниот тим на Реал Сосиедад биле на списокот на репрезентацијата на Баскија. Тоа се Микел Гонзалез, Хосеба Залудуа и Ињиго Мартинез (одбрана), Асиер Илјараменди, Микел Ојарзабал, Чаби Прието, кој е и капитен (среден ред) и Карлос Мартинез (одбрана). Давид Зурутуза и Иманол Агитриче не се во Скопје поради повреди и имаат повремени настапи за шпанската покраина.

Шпанија не им забранува на своите автономни покраини да имаат свои национални тимови, па така најголемите каталонски ѕвезди од Барселона играат за Каталонија (Македонија одби пријателска со оваа провинција, која сега прогласи независност), Баскијци за Баскија, Андалузијци за Андалузија итн.