Барсегјан: Ќе играме со срце, публиката да ни помогне да победиме!

Ерменскиот напаѓач на Вардар, Тигран Барсегјан изјави дека не е битно каде и што ќе игра, туку најави дека тој и соиграчите утре ќе го остават срцето за да се изборат за добар резултат против Реал Сосиедад (19 часот) на Националната Арена „Филип Втори“.

Барсегјан очекува Вардар да одигра добар меч и најави дека на терен ќе покажат што знаат, не сакајќи да открие како Вардар ќе го нападне шпанскиот тим

„Очекувам добар меч, иако знаеме што не очекува. Ова е многу важен меч за нас. Ќе играме со срце и ќе направиме се за да оствариме добар резултат. Сосиедад се многу добра екипа, со добри играчи. Нема врска тоа што примаат многу голови, тие се добри и мора да бидеме внимателни. Нема да кажам како ќе ги нападнеме, како ќе играме, сето тоа утре ќе го покажеме. Ако ги исполниме сите задачи на тренерот ќе победиме. Јас нема врска каде играм, дали лево крило, лев бек, напаѓач... Јас ќе дадам се, ќе го оставам срцето на терен. Јас сам ништо не можам да направам. Фудбалот е тимска игра“, рече Барсегјан.