Атлетико испадна, ама заработи 50 милиони евра поради Барселона

Шпанскиот прволигаш Атлетико го загуби ролеркостерот со Борусија Дортмунд и е елиминиран од Лигата на шампионите, но во клубот, сепак, имаат причини за задоволство.

Поради испаѓањето на Барселона од елитното натпреварување, Атлетико обезбеди пласман на Светското клупско првенство кое ќе се одржи во 2025 година. Со тоа, мадридскиот клуб од старт има бонус од 50 милиони евра што ќе биде значајна финансиска инјекција за него. Поради лошите резултати во Лигата на шампионите последните години, Барселона нема да учествува во ова натпреварување.

Во овој момент, познати се 11 од вкупно 12 екипи кои ќе ја претставуваат УЕФА на Светското клупско првенство: Манчестер Сити, Реал, Челси, Баерн, ПСЖ, Интер, Порто, Бенфика, Борусија Дортмунд, Јувентус и Атлетико. Последниот учесник ќе биде одреден според ранкингот на ФИФА во последните четири години, од оние клубови кои не обезбедиле пласман.